Три куршуми завршија во доктор, откако роднина на пациентка пукал во него

09.11.2015 16:46

Причина за инцидентот е што пациентката починала на клиниката. Првиот човек на дигестивна, вели дека интервенцијата била изведена професионално, а семејството навреме било известено за постопертивните последици...

Инцидент на скопските хируршки клиники. Близок на пациентка пукал во лекар од Дигестивна хирургија. Го ранил со три куршуми. Според  информациите на полицијата со него имало уште две момчиња. Уапсени се сите тројца.

„Излезено е на местото на настанот и констатирано е дека лекар од истата клиника во неговата канцеларија се здобил со прострелна рана во пределот на ногата, и истиот е вон животна опасност. Осомничени се три лица од Скопје, на возраст од 30, 34 и 36 години и истите се приведени“, соопшто Лиза Бендевска, портпарол на СВР Скопје.

Неофицијално, причина за инцидентот била што пациентката починала на Клиниката. Директорот на дигестивна, Александар Караѓозов вели дека интервенцијата била изведена професионално, а семејството навреме било известено за постопертивните последици.

„Операцијата технички била без проблем, немало ни крвавење, дури изразено е сомневање и најден е гнојник, точно, потоа извадено е жочното ќесе, и анестезиологот оценил дека пациентката треба да биде на интензивна нега, што е и направено“, изјави д-р Александар Караѓозов, директор на Дигестивна хирургија.

По настанот, на хируршките клиники беше министерот за здравство, Никола Тодоров. Пациентите неколку часа чекаа на закажаните термини.

„Некој докотр бил ранет, така кажаа.“

„Час и половина веќе чекаме, не се знае дали ќе не примат.“

„Треба да излезе некој да каже- не чекајте, одете си.“

„Кога дојдов тука беше веќе затворена вратата, ни кажаа дека има вонредна ситуација“, изјавија граѓаните кои ги анкетиравме.

Додека траеше полицискиот увид, вратите на хируршките клиники беа затворени.

 

Наташа Гркова- Петрушевска