Се менува инфраструктурната слика на Источна Македонија
Следната година ќе се вложат 560 милиони евра во нови патишта. Станува збор за делници со вкупна должина од 185 километри. Инфраструктурната експанзија ќе биде гаранција за економскиот и социјалниот развој на источниот регион...

Од петгодишната програма за инвестиции во патната инфраструктура во периодот 2013-2017-та вредна милијарда и 98 милиони евра, во источна Македонија ќе бидат реализирани проекти вредни 560 милиони евра. Во наредната година приоритет ќе биде продолжувањето на изградбата на автопатот Миладиновци-Штип, како и изградбата на патните правци Кочани –Делчево, Штип-Радовиш, Тораница –Саса,реконструкцијата на делницата Делчево-Голак и на правецот од Пробиштип до ски-центарот Пониква.
Проектната документација во најголем дел е веќе подготвена од Јавното претпријатие за државни патишта и се очекува реализацијата на изградбата на вкупно 185,5 километри патишта да го поттикне економскиот развој на овој дел од земјата преку привлекување нови инвестиции и вработувања.
Според документацијата најмногу средства, односно 206 милиони евра ќе бидат лоцирани во изградбата на 47 километри долгиот автопат Штип- Миладиновци. Во патниот правец Штип- Радовиш долг 39 километри ќе бидат инвестирани 65 милиони евра, а во 26 километарката делница Штип- Кочани ќе бидат вложени 56 милиони евра. Во програмата предвидена е и реализација на патот Кочани- Делчево, во должина од 30 километри, за што ќе бидат наменети 10 милиони евра.
Се размислува и за развој на туристичките капацитети во овој дел на земјата. Затоа ќе се рехабилитира патот од Делчево до Голак во должина од 11,5 километри за што се предвидени 1,7 милиони евра, но ќе се гради и патниот правец од Пробиштип до Пониква во должина од 13 километри- зафат вреден 5 милиони евра.
Програмата за инвестици во патната инфраструктура во Источна Македонија ја заокружува изградбата на патот од Тораница до Саса во должина од 19 километри, за што ќе се вложат 10 милиони евра.
Најголем дел од средствата за инвестиции со кои во петгодишната програма 2013-2017 ќе менаџира Јавното претпријатие за државни патишта, односно 723 милиони евра ќе биде обезбедена од странски кредити, а остатокот од сопствени приходи. Истовремено ќе се работи и на реализирање проекти во патната инфраструктура и во други делови од земјава.
Свето Николовски
