Иновациите отвораат нови работни места
Иновациите го гарантираат напредокот, а преку развојот на малите бизниси се отвораат нови работни места. Финансиската поддршка е значајна за стартот. Околу 100 компании аплицирале на вториот повик на Фондот за иновации и технолошки развој за добивање неповратна државна помош. На располагање им се 1 милион и 300 илјади евра...

Македонците се иновативни, а младите треба да бидат порешителни за да ги реализираат идеите, велат експертите. Има средства за почнување бизнис. Овој иноватор пред две години основал старт- ап компанија. Изработува софтверски решенија. Финансиите од бизнис инкубаторот, вели му помогнале да ја реализира иновативната идеја. Додава- добриот производ е клучен за иднината на компанијата.
„До успешен старт ап бизнис треба страшно многу работа, понуда на добра услуга или добар производ, добро дефинирање на пазарот, потоа создавање на мрежа на клиенти и долгорочна соработка со нив“, вели Игор Крстев, менаџер на „Икс софт“.
Финансиската подршка е значајна за старт на бизнисите, вели и професорот Пејковски. Преку различните програми иноваторите се охрабруваат. Пазарот е отворен, има конкуренција. Иновациите го гарантираат напредокот, а преку развојот се отвораат нови работни места. Токму на иновативноста, европските земји развиваат конкурентни економии.
„Без поддршка тие не би можеле, поддршката може да биде и институционална, системска, но особено финансиска, од аспект за обезбедување на средства на почетокот за раст и развој на овие претпријатија, но и образовна“, вели Јован Пејковски, универзитетски професор.
Најразличните мерки кои беа промовирани изминативе години дадоа резултати, вели Пејковски. Околу 100 компании аплицирале за трите инструменти во вториот повик на Фондот за иновации за добивање на неповратна државна помош за финансирање на иновациите.
Вкупниот буџет за трите инструменти е зголемен на 1,3 милиони евра. Преку инструментот за комерцијализација на иновациите се охрабрува соработката меѓу микро, малите и средните фирми, но и меѓу науката и приватниот сектор.
Секторот на мали и средни претпријатија опфаќа над 98% од вкупниот број претпријатија и е значаен чинител на економскиот раст и учествува со 68% во БДП.
Дијана Ценевска
