Пакетот закони од Договорот од Пржино во собраниска процедура
Законите се носат по скратена постапка и за да бидат денеска донесени, веднаш по седницата ќе заседаваат Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија...

Предлог- законите за Реорганизација на владата, за Заштита на приватноста, Изборниот законик и формирањето Анкетна комисија за прислушувањето, се на дневен ред на Собраниската седница. Одат по скратена постапка по предлог на координаторите на четирите најголеми партии.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски рече дека барањето за носење на законите по скратена постапка е врз база на усогласеноста меѓу четирите политички партии во Парламентот, на долгата дебата и потребата законите да бидат донесени денеска заради остварување повисоки државни интереси и цели.
Горан Сугарески, координатор на пратеничката група на СДСМ, побара Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот на Влада да биде прва точка на дневниот ред за да се овозможи веднаш потоа премиерот до Собранието да ги достави предлозите за нови министри и заменици министри.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски објасни дека без разлика која точка на дневниот ред е законот, сите денеска предложени предлог-текстови ќе бидат гласани во пакет.
