Охридската Филмска академија почна со работа
Со проекцијата на филмот „Медена ноќ“ на Иво Трајков, синоќа во Охрид официјално започна наставата на новиот Институт за филм- Филмска академија. Се очекува институтот на кој ќе предаваат професори од престижната Академија за филм од Прага да придонесе за промоција на Македонија во филмската уметност во светот...

Со проекцијата на филмот „Медена ноќ“ на режисерот Иво Трајков, кој е македонски кандидат за Оскар на филмови од неанглиско говорно подрачје и официјално започна наставата на „Институтот за филм-Филмска академија“ во Охрид. Режисерот Трајков, инаку предавач на Академијата за филм од Прага рече дека е вообичаена практиката на академиите да се проектираат значајни фимски остварувања. Што се однесува до шансите неговиот филм да добие Оскар тој рече дека кандидатурата е своевиден рулет, во кој има побогати и поскромни играчи.
„Тоа е вистината за работите, затоа што едноставно буџетот само за Оскар пропаганда на некои филмови е 5 милиони долари, а нашата промоција е многу се разбира и исправна. Ние не можеме да си дозволиме таква пропаганда, но некогаш и чудата се случуваат, па ќе видиме“, рече режисерот Иво Трајков.
Во рамките на конкурсот за упис на Академијата се доделени 12 стипендии на студенти од земјата и странство, кои според професорите имаат голем потенцијал.
„Да, имаше голем интерес, токму заради тоа ние го продолживме рокот за апликации за дополнителни седум дена во консултации со професорите од Прага и врз основа на една поголема селекција. Морам да истакнам дека она што го имам добиено како соодветен фидбек од страна на професорите дека студентите кои што се селектирани потенцијално се исклучително добар квалитет“, изјави заменик- министерот за образование, Спиро Ристовски.
Според Ристовски, Филмската академија ќе придонесе за исклучителна промоција на Македонија во светот во областа на филмската уметност.
Сашо Нелоски
