Седма препорака за преговори, условена со спроведување на Договорот од Пржино
Македонија добива седма по ред препорака од Европската Комисија за старт на преговорите за членство во Европската унија. Условена е со целосно спроведување на Договорот од Пржино и имплементација на реформите по препораките на Комисијата. Оценка, по изборите во април. Најзначајно е што Македонија ја задржува препораката од Европската комисија за почеток на преговорите за членство, оцени шефот на македонската дипломатија Попоски...

Република Македонија ја доби седмата по ред последователна препорака од Европската комисија (ЕК) за отворење на преговорите за членство во ЕУ, но под услов целосно да се спорведе политичкиот договор од јуни/ јули и да се почне со имплементирање на препораките од ЕК, истакна еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, на денешното претставување на пакетот извештаи за земјите пристапнички.
„Во духот на спроведувањето на политичкиот договор, Комисијата е подготвена да ја продолжи препораката за отворање на преговорите со Македонија, ова ќе биде условено со натамошното спроведување на јунско- јулскиот договор и со суштинскиот напредок на итните приоритетни реформи. На ова прашање ќе се навратиме по изборите напролет наредната година“, рече еврокомесарот Хан.
Најзначајно од сѐ, за нашата држава е што и покрај политичката криза успеавме да ја задржиме препораката од Европската комисија – оценува шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски.
„Тоа за нас е и силен мотив да продолжиме со сите ангажмани, и во делот на политичкиот дијалог и во делот на реформите. Се разбира дека целосната примена на политичкиот дијалог ќе биде еден од условите кои Комисијата одблиску ќе ги следи и од кој ќе зависат и следните оценки“, изјави министерот Никола Попоски.
Во извештајот е нотирано дека нашата држава има високо ниво на усогласеност со европското законодаство, но се покажало дека политичкиот состав е загрозен поради политичкото мешање и корупција. Во однос пак на економските критериуми земјата е на добро ниво на подготовка во развојот на функционалната пазарна економија, оценува Европската комисија.
Реалноста е дека и без ваквото условување од страна на Комисијата, на декемврискиот самит на европските лидери, државите членки кои и досега ја блокираа Македонија во евроинтеграцискиот процес, нема да го променат својот став.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
