ЕП: Застојот со поглавјата влијае врз Македонија

10.11.2015 13:04

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан го презентираше извештајот за земјите кандидатки пред европратениците во Комитетот за надворешни работи. Евроамбасадорот Аиво Орав попладне извештајот ќе го предаде на македонскиот државен врв...

И по една декада кандидатура за членство во Унијата, Македонија по седми пат добива препорака за отворање на преговорите. Европското одолговлекување влијае врз вкупната состојба во земјата, напиша на својот Твитер профил, известителот на европарламентот Иво Вајгл. Придружувањето е се помалку популарно меѓу македонските државјани, оценува Вајгл.

„Се разбира, неопходно е Македонија да се држи до посветеноста за членство, но суштински и итно е конечно да се почне со преговорите и да се отворат поглавјата за земјата“, вели Иво Вајгл, известител на Европскиот Парламент за Македонија.

Слични тонови во парламентарната дебата во Брисел можеа да се слушнат и од повеќе европски пратеници. Кандидатурата значи стабилизација, но до кога- праша  словенечкиот европратеник Петерле.

„Мора да и се помогне на Македонија што побрзо да влезе во Унијата. И ова не треба да се случи по изборите, туку веднаш“, нагласи словенечкиот европратеник Алојз Петерле.

Во спротивно ќе продолжи статусот- ниту на небо ниту на земја, што би се одразило врз внатрешната ситуација, порача британскиот европратени Танок.

„Македонија е  запрена поради прашањето за името и грчкото вето, и затоа заслужува отворање на поглавјата кои иако се препорачуваат не се случуваат. Ова целосно влијае врз политичката нестабилност“, изјави Чарлс Танок, британски европратеник.

За застојот со реализацијата на препорачаното од Европската комисија, во претставувањето на извештајот за Македонија говореше и еврокомесарот. Хан исто така посочи и дека врз земјава сериозно влијаела мигрантската криза и стотиците илјади бегалци што минале низ македонска територија од почетокот на годинава.

 

Зоран Богатинов