Малите и средните претпријатија да ги користат европските фондови

10.11.2015 13:29

Програмата „Косме“ за конкурентност на мали и средни претпријатија во периодот 2014 - 2020 овозможува користење на 2,3 милијарди евра, но засега, од изминатата година до денес, е реализиран само еден проект вреден 380.000 евра...

Македонските мали и средни претпријатија повеќе да ги користат европските фондови. Преку програмата „Косме“, на располагање им се ставени пари со кои можат да ја зајакнат конкурентноста и одржливоста на своите бизниси. Сепак, општ впечаток е дека овие средства недоволно се користат.

Програмата „Косме“ за конкурентност на мали и средни претпријатија во периодот 2014 - 2020 овозможува користење на 2,3 милијарди евра, но засега, од изминатата година до денес, е реализиран само еден проект вреден 380.000 евра.

„Што повеќе да ги мотивираме компаниите да ги користат овие фондови. Би сакал следната година кога ќе ја информираме јавноста овие фондови да бидат искористени во поголема сума“, рече министерот за економија, Беким Незири.

Според раководителот за соработка во Делегацијата на ЕУ Мартин Клауке, се уште најголем проблем на малите и средните претпријатија е пристапот до капитал што е основа за креирање и одржување каков било бизнис. Затоа, според него, компаниите треба да се заложат за искористување на европските средства кои им се нудат.