Брисел

Македонија со условена препорака

10.11.2015 15:02

Македонија добива седма по ред препорака од Европската Комисија за старт на преговорите за членство во Европската унија. Условена е со целосно спроведување на Договорот од Пржино и имплементација на реформите по препораките на Комисијата. Оценка, по изборите во април. Најзначајно е што Македонија ја задржува препораката од Европската комисија за почеток на преговорите за членство, оцени шефот на македонската дипломатија Попоски...

Република Македонија ја доби седмата по ред последователна препорака од Европската комисија (ЕК) за отворење на преговорите за членство во ЕУ, но под услов целосно да се спорведе политичкиот договор од јуни/ јули и да се почне со имплементирање на препораките од ЕК, истакна еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, на денешното претставување на пакетот извештаи за земјите пристапнички.

„Јас го поздравувам напредокот во изминативе денови во спроведувањето на целите договорени од сите партии. Политичките лидери мораат да го спроведат договорот со добра волја и да ја забрзаат имплементацијата на итните реформски приоритети. Меѓуетничките односи се кршливи и ревизијата на Охридскиот договор треба да се заврши. Суштински е да се преземат брзи мерки за градење доверба меѓу етничките заедници. Имајќи го во предвид напредокот во спроведувањето на договорот од јуни и од јули, Комисијата е подготвена да даде препорака за отворање на пристапните преговори, но ова сепак е условено со имплементирањето на договорот и напредокот во итните реформски приоритети. На ова ќе се навратиме по изборите напролет, следната година“, изјави еврокомесарот Хан.

Најзначајно од сѐ, за нашата држава е што и покрај политичката криза успеавме да ја задржиме препораката од Европската комисија – оценува шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски.

„Тоа за нас е и силен мотив да продолжиме со сите ангажмани, и во делот на политичкиот дијалог и во делот на реформите. Се разбира дека целосната примена на политичкиот дијалог ќе биде еден од условите кои Комисијата одблиску ќе ги следи и од кој ќе зависат и следните оценки“, изјави министерот Никола Попоски.

Во извештајот е нотирано дека нашата држава има високо ниво на усогласеност со европското законодаство, но се покажало дека политичкиот состав е загрозен поради политичкото мешање и корупција. Во однос пак на економските критериуми земјата е на добро ниво на подготовка во развојот на функционалната пазарна економија, оценува Европската комисија.

Реалноста е дека и без ваквото условување од страна на Комисијата, на декемврискиот самит на европските лидери, државите членки кои и досега ја блокираа Македонија во евроинтеграцискиот процес, нема да го променат својот став.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ