Инфраструктура: Пари од ЕБОР за македонските патишта

10.11.2015 15:53

Македонија доби уште 21 милион евра од Европската банка за обнова и развој за изградба на новиот експресен пат Штип – Кочани. Целосно се обезбедени потребните финансии за проектот. Наскоро почнува изградбата на повеќе делници кои треба значително да ја подобрат конкурентноста на македонската економија...

Во Лондон е ставен потпис на договорот меѓу Македонија и Европската банка за обнова и развој. Обезбедени се дополнителни 21 милион евра, со што целосно е затворена финансиската конструкција за новата експресна делница со четири ленти Штип – Кочани, во должина од 28 километри. Вкупната вредност на проектот е 53,4 милиони евра.

„На овој начин им излегуваме во пресрет на граѓаните на Штип, Кочани и на сите населени места на овој потег, со изградба на нов  модерен пат со четири ленти, кој ќе обезбеди побезбедно и побрзо патување меѓу овие два града. Со ова се овозможува да се подобри и конкурентноста во регионот, односно да се привлечат и нови инвеститори. Очекуваме изградбата на патот да почне во првиот квартал од 2016-та година“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Со Програмата за национални патишта вредна  181 милион евра, финансирана од ЕБОР, во првата фаза, освен овој пат, ќе се гради и делницата  Раец – Дреново кон Прилеп. Во втората фаза следуваat автопатот Струга – Требеништа и експресниот пат Охрид – Пештани. Добиените средства од ЕБОР се со рок на отплата од 4 и грејс – период 15 години, со каматна стапка од 6 месечен ЕУРИБОР, плус 1 насто.

„Ја заоркуживме финансиската конструкција за изградба на крупни инфраструктурни проекти во Македонија, со кои се подобрува транспортната инфраструктура и конкурентноста на македонската економија“, нагласи Ставрески.

Од ЕБОР велат: „потребата од развој на инфраструктурата во земјата е еден од клучните приоритети на Банката во Македонија.“

„Транспортот претставува голем дел од она што го работиме во Македонија. Околу 40 проценти од нашите операции се во транспортниот сектор или околу 600 милиони евра“, изјави Фил Бенет, потпретседател на ЕБОР.

„Во овие моменти градиме нов автопат од Скопје до Штип во должина од 47 километри, сега со ЕБОР работиме на патиштата Штип – Кочани и Штип – Радовиш, кои ќе имаат големо позитивно влијание врз економијата во овој регион“, рече  Александар Стојанов, директор на ЈП за државни патишта.

Европската банка за обнова и развој досега во Македонија поддржала 90 проекти во вредност 1,5 милијарди евра. 

 

Мартин Пушевски