Извештај на ЕК

Инвестициите- главен двигател на растот, невработеноста продолжува да опаѓа

10.11.2015 16:47

Македонија има стабилно макроекономско опкружување. Главен двигател на растот се капиталните инвестиции, домашната потрошувачка и странските вложувања- оценува Европската комисија во последниот извештај. Брисел препорачува- преку буџетот да се подржува растот и новите вработувања, да се подобрат врските на домашните компании со странските инвеститори...

Триесеттина од вкупно 81 –на страница од Извештајот на ЕК за напредокот на земјава  се посветени на економијата. Кога се во прашање економските критериуми во документот, генерално се оценува дека Македонија има добро ниво на подготовка за развој на функционална пазарна економија.

Стабилното макроекеономско окружување поддржано од соодветна монетарна политика овозможува амбиент за влез на пазарот. Забележан е прогрес во диверзификација на структурата на извозот како резултат на директните инвестиции, трговијата и зајакнатите инвестициски врски со ЕУ.

Според Извештајот, Владата продолжила со зајакнување на пазарно-ориентираните реформски зафати, привлекување СДИ и развој на приватниот сектор, но Комисијата смета дека, иако е зајакнато макроекономското окружување загрижуваат одредени слабости.

Домашната потрошувачка е главен двигател на растот во 2014-та кој продолжил и во првиот квартал на годинава. Инвестициите биле лоцирани во јавната, патната, железничката и енергетската инфраструктура и новите странски директни инвестиции кои генерираат нови работни места.

Истовремено се намалува стапката на невработеност која од 34 во 2008-та е симната на 28% лани и продолжува да опаѓа. Заживувањето на индустриското производство продолжува да расте  движено најмногу од  преработувачкиот сектор, иако Брисел очекува поголем придонес на домашниот приватен сектор. Банкарскиот систем е стабилен, но се препорачува олеснет пристап на малите и средни фирми до финансиските извори како и забрзување на процедурите за банкрот.

Што се однесува до поглавјето за индустриска политика и претпријатија направен е одреден прогрес особено со профункционирањето на Фондот за иновации и технолошки развој.

Комисијата го нотира и доброто ниво на подготвеност на земјата во доменот на Царинската унија, затоа што уште во јули Македонија пристапи кон Конвенцијата за заедничка транспортна процедура со ЕУ и поедноставена трговија со стоки.

Македонија има силни економски врски со земјите членки на Унијата, се вели во Извештајот. Во првите 7 месеци од 2015-та 77% од вкупниот извоз бил насочен кон ЕУ, односно 66% од увозот доаѓал од тоа подрачје. Европската комисија коментира дека цените се стабилни и монетарната власт успешно ја одржува вредноста на домашната валутата. Инфлацијата е благо намалена поради  намалување на цената на храната и енергијата.

Согласно со препораките, земјата треба да посвети посебно внимание на подобрување на планирањето на буџетот на среден рок и на неговото извршување и ригорозно да се придржува до фискалната стратегија на среден рок. Се препорачува буџетот повеќе да биде насочен кон поддршка на растот и вработувањето, образованието да нуди кадар според барањата на пазарот на трудот, но и да се подобрат врските на домашните компании со странските инвеститори.

 

Свето Николовски