Собраниска седница за избор на министри и заменици

11.11.2015 09:51

Претседателот на Собранието, Вељаноски за денеска напладне ја закажа седницата за избор на министри и заменици министри согласно договорот на последната лидерска средба...

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски за денеска напладне ја закажа седницата за избор на министри и заменици министри согласно договорот на последната лидерска средба.

Во предлогот доставен од Владата до Собранието се наведува дека согласно договорот од 2 јуни и 15 јули и измените на Законот за Влада, за министер за внатрешни работи на предлог на опозицијата се предлага да биде избран Оливер Спасовски, а за труд и социјална политика Фросина Ташевска- Ременски. Заменици министри исто така од редот на опозицијата ќе бидат Александар Кирацовски во Министерството за информатичко општество и јавна администрација, Љупчо Николовски во Министерството за земјоделство и Кире Наумов во Министерството за финансии.

Се очекува на денешната седница да биде пополнето и министерското место во Министерството за информатичко општество и јавна администрација по неодамнешната оставка на Иво Ивановски. Владата за оваа функција ја предлага досегашната заменичка министерка Марта Арсовска- Томовска.

Претходно Собранието во рамки на седницата треба да ги констатира оставките поднесени од актуелните министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Митко Чавков и Диме Спасов.