Хамонд: Светот го чека нестабилност ако не се справи со климатските промени

11.11.2015 10:05

Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство треба да бидат лидери во преземање на мерки за спречување на климатските промени, изјави шефот на британската дипломатија Филип Хамонд во Вашингтон. Тој предупреди ако светот не се справи со загадувањето, ќе има нестабилност и негативен ефект по светската економија...

Според последната анализа на Светска Банка, до 2030-та година, уште 100 милиони луѓе ќе станат сиромашни поради ефектите од климатските промени. Светската метереолошка организација соопшти дека нивото на јаглерод диоксид во 2014-та година било рекордно високо во последните 30 години. Британскиот секретар за надворешни работи Филип Хамонд при обраќањето во „Американ Ентерпрајз Институт“ во Вашингтон предупреди дека светот го чека нестабилност ако не се справи со климатските промени.

„Ако не се справиме со климатските промени, дури и во случај на најдобро сценарио. ќе има катастрофални последици. Глобално зголемување на температурата, слично како во периодот на последното ледено време, растење на нивото на морињата, големи преселби на луѓето ќе води кон конфликти и нестабилност, дополнителен притисок врз ресурсите и опасност по јавното здравје. Во најлош случај, климата во некои делови од планетата ќе стане неподнослива за живот за луѓето, идните генерации, нашите деца и внуци, ќе живеат во многу потежок и поопасен свет“, изјави Филип Хамонд, британски секретар за надворешни работи.

Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави веќе преземаат мерки за намалување на фосилните горива и нивна замена со одржливи извори на енергија, како сончевата и енергијата добиена од ветерници.

„Нашето искуство во Обединетото Кралство е дека иако го намаливме нивото на издувни гасови за една четвртина во однос на 90-сетите, сепак во истиот период нашата економија постигна раст од повеќе од 60 проценти. Минатата година го намаливме нивото на јаглерод диоксид за 10 проценти што е најмногу во светот, а постигнавме економски раст што е  најголем во групата Г7 држави“, изјави Хамонд.

Британија е светски лидер во користењето на енергија од ветерници. Кина неодамна усвои план до 2030-та година една третина од енергијата да ја произведува од одржливи извори. Американската автомобилска компанија „Тесла“ започна масовно производство на возила на електричен погон. Ова се само некои од мерките што компаниите и земјите ги преземаат за намалување на издувните гасови.

На самитот посветен на климатските промени во Париз во декември, лидери на 150 држави треба да усвојат мерки за намалување на загадувањето на планетата.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ