ФЗОМ: Резултати од лабораториски анализи по електронски пат

11.11.2015 12:50

Резултатите од крвните анализи директно ќе бидат прикажани на софтверот на матичните лекари и пациентот нема да има потреба да оди во лабораторијата по резултати и потоа истите да ги носи кај матичниот...

Преку електронски пат ќе се добиваат  резултатите од лабораториските анализи кои ги прават осигурениците при превентивните прегледи. Од Фондот за здравство велат дека ова олеснување се однесува на 650 илјади осигуреници кои на секои 2 години мора да ги прават овие прегледи како превентива од посериозни заболувања.

Oд понеделник, 16-ти ноември ќе започне да функционира ова дополнително олеснување за лекарите и пациентите. Имено, резултатите од крвните анализи директно ќе бидат прикажани на софтверот на матичните лекари и пациентот нема да има потреба да оди во лабораторијата по резултати и потоа истите да ги носи кај матичниот.

Со новото софтверско поврзување се крати времето кое е потребно за вршење на превентивните прегледи, се елиминира уште една посета кај матичниот лекар и лабораторија. Матичниот лекар ќе има увид во резултатите и доколку постои лабораториско испитување не постаро од 90 дена, согласно правилата за превенција ќе ги искористи резултатите, без притоа непотребно да се испраќа пациентот за уште една лабораторија. Со овој начин се штити и пациентот и здравствениот систем, соопштуваат од ФЗОМ.