Собрание: Почна седницата за избор на нови министри и заменици
Ќе се дискутира за избор на министри и заменици министри согласно со договорот од последната лидерска средба. Претходно Собранието во рамките на седницата ги констатира оставките поднесени од актуелните министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика...

Предмалку започна седницата на Собранието која ја закажа претседателот на законодавниот дом Трајко Вељаноски. Ќе се дискутира за избор на министри и заменици министри согласно со договорот од последната лидерска средба. Претходно Собранието во рамките на седницата ги констатира оставките поднесени од актуелните министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Митко Чавков и Диме Спасов.
Во предлогот доставен од премиерот до Собранието се наведува дека согласно со договорот од 2 јуни и 15 јули и измените на Законот за влада, за министер за внатрешни работи по предлог на опозицијата се предлага да биде избран Оливер Спасовски, а за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски. Заменици министри, исто така, од редот на опозицијата ќе бидат александар кирацовски во министерството за информатичко општество и јавна администрација, Љупчо Николовски во Министерството за земјоделство и Кире Наумов во Министерството за финансии.
Се очекува на денешната седница да биде пополнето и министерското место во Министерството за информатичко општество и јавна администрација по неодамнешната оставка на Иво Ивановски. Владата за оваа функција ја предлага досегашната заменик - министерка Марта Арсовска -Томовска.
