Малку компании ги користат европските фондови

11.11.2015 13:11

Европските фондови се недостижни за добар дел од домашните фирми, а главна причина е немањето доволно искуство за успешно аплицирање. Mакедонија меѓу првите од Западниот Балкан ја прифати платформата за развој на регионот која овозможува пристап до извори вредни 140 милиони евра...

Недостигот на технологија, стандарди, нормативи и искуства во начинот на водење на бизнисот е причина поради која европските фондови и натаму се недостижни за голем дел од македонски претприемачи. Иако последните години се направени големи заложби за подобрување на конкурентноста, европските пари сега за сега ги користат малку домашни компании.

„Сеуште во Македонија недостасува технологија, недостасуваат стандарди, нормативите и директивите од ЕУ, од Меѓународната заедница на труд, каде што се почитуваат човековите права, се искористуваат иновативните начини на водење бизнис, а со самото тоа и на фондовите, и секако инфраструктурно мораме уште да вложуваме за да можеме да бидеме дел од глобалниот пазар“, вели Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија.

Анализите покажуваат дека земјава административно и финансиски е подготвена да пристапи кон овие фондови. Па така, македонските компании до 2020-та можат да приграбат дел од европскиот финансиски колач наменет за истражување, развој и иновативност на малите и средни претпријатија кој изнесува повеќе од 80 милијарди евра.

„На македонските компании, но и на разни други институции им се даваат информации за пристапот до европските фондови преку три програми на ЕУ. Се поттикнуваат со навистина огромни средства, за македонските компании и образовни институции да соработуваат и меѓу себе и со оние од ЕУ за да добијат средства“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски

Македонија е првата земја потписничка на Западнобалканската платформа за развој со која компаниите од регионот преку 4 компоненти добиваат пристап до нови финансиски извори од преку 140 милиони евра.

Анита Димитријевска