Професори од ФЕИТ отворија „спин- оф“ компанија

11.11.2015 15:34

Преку Фондот за иновации „спин- оф“ компанија на вработени на Факултетот за електротехника и за информациски технологии добила 26.500 евра грант, кој ќе им овозможи патентирање на пронајдок со кој се подобрува енергетската ефикасност во компаниите. На вториот јавен повик Фондот за иновации и технолошки развој ќе додели милион и 300 илјади евра грантови за реализирање на иновациски проекти на домашните фирми...

Група професори од „Електро“ својата идеја ја претворија во готов производ. Направија  компјутерски систем кој ќе ги намали сметките за електрична енергија на индустриските капацитети. Со пари од Фондот за иновации ја отворија „Смарт – тек“, академска спин- оф компанија. Планираат нивниот изум да го продаваат и да го патентираат. Тимот професори добија финансиска помош од 26 илјади евра.  

„Без помошта на Фондот за иновации, овој уред генерално не би постоел, затоа што финансиските средства кои што ги добивме навистина беа од голема помош. Имавме можности да вработиме други лица, да купиме уреди, материјали за изработка на ваков уред“, изјави Живко Колански, професор на ФЕИТ и управител на компанијата „Смарт- тек“.

Директорката Поповска апелираше иноваторите да се охрабрат и да ги искористат грантовите од Фондот. На вториот повик, милион и триста илјади евра им стојат на располагање. Интересот бил огромен, најмногу апликации имало во делот на информатиката, земјоделството и градежништвото.

„Моментално се преселектирани 39 апликации, од вкупно 95 кои пристигнаа на овој втор повик. Се надевам дека до крајот на годината ќе ги имаме следните корисници“, изјави директорката на Фондот за иновации и технолошки развој, Јасмина Поповска.

Потврда за заложбите на Владата за развој на иновациите е компанијата „Смарт- тек“ вели  заменик министерот Ристовски. Апелираше – компаниите да ги искористат и средствата од Светска банка, да отворат бизнис и да ја реализираат својата иновација.. 

„Вкупно некаде околу десет милиони евра им стојат на распологање на компаниите и согласно динамиката и политиката на Фондот ќе има етапно објавување на огласи по различни документи“, изјави Спиро Ристовски, заменик министер за образование и наука.  

Компанијата „Смарт тек“ е сместена во просториите на Факултетот за електротехника. Таа е една од 16- те компании кои добиле грант од првиот повик на Фондот за иновации. Во овој оглас беа обезбедени 480.000 евра за старт- ап и спин- оф компаниите.

 

Викторија Милевска