Нов ден, нова надеж
Ако првата цел- пласман во втората фаза...

Ако првата цел- пласман во втората фаза и меѓу најдобрите дванаесет во Европа беше исполнета со ремито против Чешка и победата над Австрија, двата пренесени бода дополнително ги зголемија амбициите и очекувањата од нашите најдобри ракометари. Најмалку со повторување на пласманот од пред две години во Србија кога бевме петти, што ќе беше одличен резултат со оглед на настаните со повреди, вирусот непосредно пред патувањето за Данска и неможноста да бидеме посилни за Вугринец.
Шансата и натаму постои , но по убедливиот пораз од Унгарија, патот до висок пласман сега води преку Исланд и Шпанија, што ниту е лесна, а уште помалку едноставна задача. Исланд ја демонстрира својата моќ над Австрија со 33-27, а светскиот првак Шпанија и покрај поразот од Данска (28-31) остава впечаток дека може до финале и покрај евидентниот недостаток на квалитетен голман во отсуство на Штербик.
Нашата репрезентација, пак, со победата над Автрија како да го достигна лимитот, па на мечот со Унгарија беше речиси непрепознатлива во оние елементи што ја красеа: борбеноста, бескомпромисноста и агресивноста пред се во одбраната. Поразот и не е толку болен, ниту убедлив како што можеше да биде, од Унгарија често сме губеле за да биде изненадување, но она што загрижува во нашата селекција беше пристапот кон играта, бескрвноста, впечатокот дека откако беше обезбеден пласманот меѓу најдобрите дванаесет, веќе ништо не е важно. Токму тоа го препозна селекторот Обрван во играта на своите избраници, па имаше доблест да и се извини на македонската јавност не толку за поразот, туку за пристапот кон играта, за отсуството на борбеност - она што секогаш ја красело нашата селекција и со што се покривале многу недостатоци во играта.
„Да го оставиме поразот зад себе, да се насочиме кон натпреварот со Исланд и да се претставиме во многу подобро светло“- порача Обрван.
Нов ден, нова надеж. Колку е Исланд шанса за надоместување на пропуштеното тешко е да се каже. Плејадата играчи од Бундес и француската лига во првата фаза ремизираа со Унгарија, ја победија Норвешка и загубија од Шпанија. Во првиот натпревар од втората фаза безмалку можеа да ја декласираат Австрија откако на седум минути до крајот имаа 31-22. Комплетна репрезентација на сите позиции која единствено може да се запре ако не и се дозволи да игра. Тоа значи дека нашата одбрана ќе мора да биде на највисоко ниво досега, а нападот стрплив, бавен па и досаден, до крај за да не му се дозволи на противникот да ја користи брзата трансворнација и да постигнува лесни голови од контри и полуконтри.
Наизглед едноставно, но натпреварот со Исланд е петти за нашата селекција за девет дена, па и заморот како резултат на згуснатиот календар го зема својот данок. Јоноски се жали на ахиловата тетива, Велко Маркоски е со болки во грбот, Ојлески го свитка скочниот зглоб, а останавме и без Стојчевски. Некој ќе рече за сите репрезентации е исто и бројот на натпревари не може да служи за оправдување. Точно, но да не заборавиме, разликата меѓу најдобрите и оние по нив е и во должината и квалитетот на клупата.
Хернинг, Зоран Видевски
Специјален известувач на МТВ
