Владата со две мерки кофинансира вработување на социјално ранливи категории

11.11.2015 16:35

Според надлежните двете мерки имаат цел да им помогнат на компаниите да вработат кадар, но и да им помогнат на невработените од социјално ранливите категории да добијат работа...

Работодавачите ќе користат бенефиции ако вработат корисници на социјална парична помош, деца без родители и родителска грижа, жртви на семејно насилство и самохрани родители. Владата со две мерки кофинансира вработување на социјално - ранливи категории. Огласот е во тек, заинтересираните компании можат да аплицираат. Според надлежните двете мерки имаат цел да им помогнат на компаниите да вработат кадар, но и да им помогнат на невработените од социјално ранливите категории да добијат работа.

„Во огласот постојат две варијанти коишто нудат определени предности за компаниите, во зависност од тоа на колку долг период сакаат да го ангажираат работникот и врз основа на профилот на кадар којшто им е потребен. Огласот е се уште отворен, постојат квантум на средства коишто Владата ги пласирала кон потенцијалните работодавци и компаниите е добро да се искористат можностите кои се нудат со едноставно поднесување на барање до Агенцијата за вработување, по што веднаш во еден многу брз период Агенцијата би селектирала профили на кадри коишто би им биле понудени на самите компании за нивен избор, за потоа да може да биде префрлена и владината помош согласно огласот“, истакна портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев.

Во самиот оглас постојат две варијанти за добивање на државна помош. Првата варијанта на поддршка е шестмесечна субвенција на нето - плата, и шесетмесечно ослободување од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување. Втората, пак, шест месечна субвенција на нето-плата и триесет и шестмесечно ослободување од плаќање  придонеси од задолжително социјално осигурување и персонален данок на доход со обврска.

 

Наташа Јанчиќ