Хан: Политичката стабилност и компромис- единствен начин да се подобри владеењето на правото
„Политичката стабилност и компромис се единствениот начин да се подобри владеењето на правото и да се создаде просперитет и да се напредува на вашиот европски пат“, видео-порака на еврокомесарот Хан ден по објавувањето на извештајот. Во првичната анализа на Секретаријатот за европски прашања, оценката е реална со оглед на тоа што се случуваше годинава во земјава...

„Убеден сум дека политичкиот договор на четворицата лидери е најдобриот начин да се стави крај на кризата засекогаш. Затоа тие мора да се посветат на спроведување на овој договор и да ги спроведат итните реформски приоритети.“ Ваква видео порака, ден по објавувањето на извештајот даде еврокомесарот Хан. Побара од политичарите интересот на земјата и на иднината на нејзините граѓани да ја стават во средиштето на нивната работа.
„Политичката стабилност и компромис се единствениот начин да се подобри владеењето на правото и да се создаде просперитет. Тие се исто така единствениот начин да продолжите и да напредувате на вашиот европски пат“, рече еврокомесарот Јоханес Хан.
Европската комисија не штеди критики во извештајот во деловите каде што земјата назадува или стагнира, но, не го изоставува ниту напредокот. Во поглавјата за економија, транспорт, трговија, земјоделие и јавно здравје нотиран е сериозен напредок во повеќе сегменти меѓу кои слободното движење на стоки, политиката на конкуренција, заштита на потрошувачите, воведување на мобилни и рурални аптеки, како и набавка на поливалентни вакцини.
Во првичната анализа на извештајот на Секретаријатот за европски прашања, направена е компарација со останатите земји од регионот. Во извештаите на земјите од најблиското опкружување стојат забелешки во делот на судството, политичките и економските критериуми, се бараат административни реформи, како и подобрување во борбата против организираниот криминал. Од некои од нив се бара и промена на Уставот за кој е утврдено дека е во спротивност со европската конвенција за човекови права.
За вицепремиерот Бесими, ваквиот исход за Македонија е очекуван и тој претставува мотив за работа.
„Условената препорака за нас ќе значи уште повеќе работа и фокус во однос на постигнувањето на целите на РМ и во наредниот период ќе биде на патеката за отварање на преговорите со ЕУ“, изјави вицепремиерот Фатмир Бесими.
Во следните денови е планирана детална анализа на извештајот, која ќе биде презентирана во Владата и таму ќе биде усогласена со акцискиот план. Важно да се спроведат реформите за граѓаните да имаат подобар живот, зашто, како што рече премиерот Груевски во вчерашниот говор, тие го пишуваат извештајот на Македонија.
Катерина Топалова