САД бараат екстрадиција на државјанин на Косово поради можен терористички напад

12.11.2015 10:29

Соединетите Американски Држави бараат екстрадиција на државјанин на Косово од Малезија поради терористички напад. Тој украл досиеја на 1.000 американски војници и вработени во федерални агенции, ги ставил нивните податоци на Твитер и побарал од есктремисти во Америка да ги убијат, соопшти американскиот помошник државен обвинител за национална безбедност Џон Карлин...

Границата меѓу компјутерскиот криминал и тероризмот станува се помала. Хакер од Косово украл досиеја на 1.000 американски војници и вработени во федерални агенции и ги продал на припадници на Исламската држава. 

„Имаме индивидуа од Косово којшто е поврзан со екстремистичка група таму, заминал за Малезија каде добил дополнителна обука и направил компјутерски напад врз американски комјутерски компании. Компаниите се обиделе да го остранат од системот, но тој изјавил дека ако го направат тоа ќе објави за нападот во јавност, па побарал 500 долари и потоа уште една исплата, што е класичен случај на уцена. Изгледа како криминален чин, но компаниите не знаеле дека овој човек ги дал досиејата на ИДИЛ, односно на британскиот државјанин Џенер Хусеин којшто живее во Сирија.  Од украдени околу 100 илјади лични информации од досиеја, издвоени се 1.000 на Американци поврзани со воените сили, објавени се на Твитер со барање до индивидуи во САД да ги убијат. Овој човек од Косово е откриен, уапсен и ќе биде изведен пред суд во САД“, изјави Џон Карлинамерикански помошник државен обвинител за национална безбедност.

Терористите ги користат социјалните мрежи на американски компании за да дејствуваат против американски цели. Ал-Каеда и ИДИЛ повикаа на голем компјутерски напад врз САД.

„Терористичките групи имаат намера за голем комјутерски напад и ако развијат капацитет, ќе го искористат. Ако не работиме на спречување да развијат капацитет за напад, ќе биде само прашање на време кога тој ќе се случи“, изјави Карлин.

98 проценти од работата на државните институции во САД се одвива преку електронски пат, но заштитата од хакерски напад се уште не е на ниво како што треба да биде, оцени американскиот помошник државен обвинител за национална безбедност. 

За успешна борба против компјутерскиот криминал и тероризмот потребна е соработка меѓу државните институции и приватните компании.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ