Пензиониран полковник на АРМ проневерил 935.000 евра
Бил главен актер и организатор на криминална група која не ги плаќала обврските кон државата. Според податоците од предистражната постапка, биле осомничени шест фирми...

Пензиониран полковник на АРМ од Штип фатен во финансиски криминал тежок 935.000 евра. Бил главен актер и организатор на криминална група која не ги плаќала обврските кон државата. Според податоците од предистражната постапка, биле осомничени шест фирми. Нивните сопственици и управители неколку години најголем дел од работењето го вршеле незаконски. Со четирите поднесени кривични пријави до основните јавни обинителства во Скопје, Гостивар, Тетово и Куманово за кривичните дела „даночно затајување“, „фалсификување или уништување на деловни книги“, и „помагање на сторител по извршено кривично дело“, пријавени се 8 физички и 6 правни лица.
Прозводите кои ги произведувале или увезувале од странство, ги продавале за готови пари, на црно без да ги пресметаат и да ги платат даноците. Организирале и фиктивна продажба на правн субјект „Стар груп“ ДОО Скопје на странскиот државјанин Кирил Рајчов Николов од Ќустендил, Република Бугарија. Бугарскиот државјанин најверојатно несвесен што потпишува, за сума од 50 лева, на нотар во Република Бугарија ополномоштил лице во негово име и за негова сметка во Република Македонија да ја превземе сопственоста и управувањето со „Стар груп“ ДОО Скопје со сите права и обврски.
Финансиската полиција спроведе предистражна постапка кај фирмите „Стар груп“ од Скопје, „Витамин ага“ од Гостивар, „Ванекс“ од Тетово, „Златен клас“ ДООЕЛ Куманово, „Златен клас род“ Куманово и „Златен клас џуна“ исто така од Куманово при што откри постоење на основано сомневање за сторен финансиски криминал тежок 935.000 евра.
При претрес во домот на организаторот на криминалните дејанија е пронајдена документација која се однесува на правните субјекти кои со неговиот ангажман се пренесени на државјани на Република Бугарија. При претресот кај пријавениот пронајдени се и два лаптопи, во кои било утврдено дека се користени за креирање на документација за преземање, односно фиктивна продажба на фирмите кои се осомничени за финансиски криинал. Во истражувањето на случаите, активно се вклучи и Интерпол Бугарија кој ги обезбеди сите инволвирани бугарски државјани кои станале сопственици на македонските фирми осомничени за финансискиот криминал.
