Нови 40 милиони евра достапни за македонските компании

12.11.2015 11:38

Претпријатијата преку Регионалниот фонд за иновации ќе имаат можност да добијат директни финансиски средства кои би ги инвестирале во развој на технологии, подигнување на квалитетот на производите и услугите, со што ќе се подобри нивната конкурентност...

Преку Регионалниот фонд за иновации на македонските старт-ап бизниси, малите и средните претпријатија, ќе им бидат достапни вкупно 40 милиони евра. Канцеларијата на фондот во Скопје од денеска официјално почнува со работа.

„Претпријатијата ќе имаат можност да добијат директни финансиски средства кои би ги инвестирале во развој на технологии, подигнување на квалитетот на производите и услугите, со што ќе се подобри нивната конкурентност на локално, регионално и европско ниво. Веруваме дека преку канцеларијата на Фондот на македонските компании финансиските средства ќе им бидат многу подостапни, а ќе се олеснат и административните процедури“, изјави вицепмремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Додаде дека Владата го препозна значењето на основањето на Регионалниот фонд како комплементарно на Програмата за унапредување на иновациите, за подобрување на конкурентноста на економијата и на деловната клима, и веднаш се приклучи кон оваа иницијатива.

Фондот финансиски ќе партиципира со висина на средства од 25 до 49 проценти од сопственоста на компаниите при што ќе бидат инвестирани 500 илјади до два милионa евра по компанија.

Македонија е прва земја потписничка на Договорот за основање на Регионалниот фонд кој освен во Скопје канцеларии има и во Белград и Загреб.