Собир на здравствените работници за поддршка на повредениот хирург
Не стивнуваат реакциите по нападот врз хирургот од Клиниката за дигестивни болести. Лекарите ги бараат своите права. „И јас сум доктор Љубомир Огненовиќ“- ова е главната порака од денешната демонстрација на револт во државниот Клинички центар во Скопје...

И денеска вратите на Клиниката за дигестивна хирургија останаа затворени за пациентите. До петок ќе се примаат и оперираат само итни случаи. Лекарите во знак на револт не ги извршуваат редовните работни обврски. На собир во кругот на клиниката му дадоа поддршка на нивниот колега кој пред три дена беше повреден со огнено оружје на клиниката од страна на пациент.
„Сигурни сме дека д-р Љубомир Огњеновиќ брзо ќе се опорави и ќе продолжи како и досега со својата хуманост и знаење да им помага на пациентите. Со верба во него, веруваме и во себе дека заеднички ќе ги надминеме овие моменти и уште посплотени ќе ја продолжиме нашата хумана мисија“, изјави д-р Емилија Стојановска од Клиниката за дигестивна хирургија.
Со транспаренти „И јас сум доктор Љубомир Огњеновиќ“ и „Закон за докторска дејност“, стотици лекари од самостојниот синдикат бараат да учествуваат во носење на законите за здравствена дејност, со кои ќе се придонесе за квалитетно лекување на пациентите.
„Ја цениме моралната одговорност на министерот, ја цениме повелбата за донесување закон за докторска дејност, ние сме за соработка“, вели д-р Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат на клинички центри.
Протестот на лекарите е еднодневен, а од Синдикатот најавуваат дека своите права ќе продолжат да ги бараат во форма на преговори во Министеррството за здравство.
Во исто време собирна поддршка на здравствените работници имаше и општите болници во Куманово, Прилеп, Струга, Охрид, Тетово и во Заводот за нефрологија во Струга. Нападот на лекарот го осудија и колегите од Дигестивна хиругија од приватната болница „Систина“.
Андријана Атанасовска
