Средба Попоски - Рајхел: Македонија подготвена за процесот на пристапни преговори

12.11.2015 13:52

Од 2009 година, кога беше дадена првата препорака од Комисијата, секоја година сме се подобро подготвени за овој процес, потенцираше министерот Попоски...

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денес, оствари средба со специјалниот претставник на германското министерство за надворешни работи за Југоисточна Европа, Турција и ЕФТА, Ернст Рајхел. На средбата се разговарало за предизвиците и перспективите во европската интеграција на Република Македонија, во светлина на неодамна објавениот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата во пристапниот процес.

Република Македонија останува подготвена за процесот на пристапни преговори. Од 2009 година, кога беше дадена првата препорака од Комисијата, секоја година сме се подобро подготвени за овој процес, потенцираше министерот Попоски.

Според шефот на дипломатијата, определени околности како изминатите блокади и внатрешните фрустрации, особено политичкиот предизвик кој е во фаза на надминување, се дополнителна причина час поскоро на Македонија да и се овозможи да ги почне преговорите со Европската Унија. Тоа нема да направи никакво ослабување на европската кауза или институции, напротив ќе го зајакне кредибилитетот на европската перспектива, а нам ќе ни даде елан да се бориме за натамошен напредок.

На средбата се разговарало и за спроведувањето на преостанатите обврски од политичкиот договор и на клучните приоритети за зајакнување на правната држава и економскиот развој на земјата, кои остануваат во фокусот на активностите на владата.