„Мусала Софт“ ќе отвори нови 300 вработувања во ИТ секторот

12.11.2015 14:39

300 македонски информатичари ќе може да се вработат во бугарска компанија „Мусала Софт“ до 2019-тата година. Ова е уште едно признание за нашите програмери и софтвер инженери. Вкупната инвестиција треба да достигне 20 милиони евра...

300 нови вработувања ќе отвори бугарската фирма „Мусала Софт“, најновата странска инвестиција во земјава. Бугарскиот бренд од ИТ секторот до 2019 година постепено ќе вработува висококвалификувани  информатички инженери кои ќе изработуваат софистицирани софтверски решенија, 100% наменети за странскиот пазар.

„Ова ќе бидат високо квалификувани работни места, а ќе се ориентираме главно кон извозот, што веќе и го започнавме тука. Дури и со малиот број на луѓе кои во моментов ги имаме, ние ќе ги позиционираме нив на битни позиции. Тоа го правиме за да можеме понатаму да се шириме. Токму поради тоа вработуваме мал број на луѓе, но високо квалитетни и со големо искуство“, рече Елена Маринова, претседател на „Мусала Софт“.

Компанијата засега има десетина вработени во земјава. Кандидатите кои во иднина ќе добијат статус на вработени, претходно ќе поминат строги тестови на селекција, како и интерни обуки адаптирани на нивните работни позиции.

„Ова ќе биде можност за младите кадри, оние кои го завршуваат образованието, но и оние поискусните, да надјадат една интересна можност за вработување, бидејќи компанијата Мусала Софт соработува со едни од најдобрите светски компании од оваа област. Знаењата со кои ќе се стекнат низ работата во оваа компанија ќе можат да ги применуваат  насекаде понатаму во животот“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Инвестицијата на оваа компанијата во земјава ќе изнесува 20 милиони евра. „Мусала Софт“ е основана во 2000 година со седиште во Софија.

 

Анита Димитријевска