Регионален фонд: 40 милиони евра за иновативните компании

12.11.2015 14:28

Почна со работа канцеларијата во Скопје на Регионалниот фонд за иновации. На македонските компании им стануваат достапни 40 милиони евра, наменети за почетни бизниси, за мали и за средни претпријатија. Фондот ќе инвестира од 500 илјади до 2 милиона евра по компанија...

40 милиони евра за иновативните компании нуди Регионалниот фонд за иновации. Парите се наменети за старт ап бизниси, но и за мали и средни претпријатија. Почнува да работи канцеларијата во Скопје.

„Она што е најбитно и што е приоритет за ЕК за овој регион се бројните иницијативни кои треба да придонесат за подобрување на конкурентноста. Тука се надеваме дека ќе се вклучи и ИПА 2 програмата која ќе обезбеди значителни финансии за малите и средни претпријатија“, изјави Мартин Клауке, делегација на ЕУ во РМ.

Поддршката која им се дава на компаниите треба да ги подобри конкурентноста и бизнис-климата. Регионалниот фонд за иновации ќе партиципира од 500 илјади до 2 милиона евра во компанија.

„Понуда на тој капитал на приватните и на институционалните играчи на пазарот кои треба да ја подобрат економијата и конкурентноста во овој регион“, вели Џан Лука Масини, менаџер на Европскиот инвестициски фонд.

Освен во Скопје канцеларии има во Белград и Загреб.

„Компаниите можат да дојдат кај нас кога сакаат и да разговараме за да видиме што можеме да направиме за да им помогнеме во нивната работа и во иновациите“, нагласи Татјана Забеску, директор на Регионален центар за иновации во Скопје.

Парите во регионалниот фонд за иновации се обезбедени од касата на европските фондови.

 

Наташа Јанчиќ