Металург треба да го сопре украинскиот „Мотор“
Во првото коло, додека Металург се уште ја воигруваше новата екипа, Мотор славеше дома со шест разлика, втор е со четири победи и два пораза, што автоматски би требало да значи дека е фаворит...

За оваа екипа на Металург, дуелот со Мотор Запорожје е како финале, затоа што само победа ги оддржува надежите за пласман во нокаут фазата на ракометната Лига на шампионите. По трите врзани порази, металурзите имаат четири бода помалку во однос на најдобропласираните во групата Ц, меѓу кои е и Мотор, но тоа не го намалува мотивот за успех против украинскиот првак.
Во првото коло, додека Металург се уште ја воигруваше новата екипа, Мотор славеше дома со шест разлика, втор е со четири победи и два пораза, што автоматски би требало да значи дека е фаворит.
„За нас ова е незгоден противник, не ни одговара за разлика од другите екипи, но со борба, желба и ентузијазам коишто се присутни кај нашите млади играчи, можеме да ги надополниме нашите објективни слабости“, изјави тренерот на Металург, Лино Червар.
Сепак, Металург е поинаква екипа на домашен терен кадешто ги оствари двата триумфа, сега е и засилен со словенечкиот репрезентативец Давид Шпилер. Запорожје, пак, на гости загуби од Кадетен Шафхаузен и Баја Маре, а славеше само против последнопласираниот Елверум.
Иако само третпат е во елитното натпреварување, Мотор е силна екипа, составувана да ги надмине домашните успеси, Металург седма сезона е дел од групната фаза, но овојпат искуството можеби нема да биде пресудно, туку пристапот, трпеливоста и одбраната, односно елементите коишто вообичаено, во важни натпревари, биле на страната на нашите ракометари.
Преносот од денешниот дуел Металург - Мотор Запорожје, ќе биде на МРТ1 во 17.45, специјалната емисија од „Борис Трајовски“, ќе почне половина час порано.
