Бранот мигранти не запира, само денеска се очекуваат над 10 илјади
Во престолнината на Малта е договорен фонд од 1,8 милијарди евра, пари од европскиот буџет, за справување со мигрантската криза. Бранот не запира. Се зголемува бројот на мигранти кои влегуваат во земјава. Само денеска од Грција се очекуваат над 10 илјади. Европската унија инсистира на соработка и размена на информации со официјална Атина...

Секојдневно по три илјади мигранти чекаат да влезат во Македонија. Уште толку со автобуси стигнуваат на Грчко-македонската граница. Од Министерството за внатрешни работи велат дека се уште нема конкретен одговор од официјална Атина за менаџирање на состојбата како што бара Брисел.
„ЕУ сепак на овие состаноци кои се одвиваат преку видео конференциска врска ги задолжи Грците да одредат датум и место каде ќе се одржи таков состанок, но за жал сеуште немаме информација“, вели Анастасија Илиеска – државен секретар во МВР.
Преку видеоврска и Скопје еднаш неделно ја информира Унијата за зголемување на капацитетите и за улогата на Фронтекс на границите на земјите-членки. Според Илиеска, затворање на границите не е решение. Македонија е само транзит, а крајна дестинација на мигрантите е ЕУ.
„Доколку некоја држава како Германија или Австрија ги затвори границите, автоматски ќе имаме домино ефект и хуманитарна кататрофа на Балканот“, нагласува Илиеска.
Македонија не може да прими повеќе од 2 илјади мигранти. Троши огромни буџетски средства за справувањето со кризата. Засега парична помош од Брисел нема.
Поучени од балканскиот пример, Европската унија почна превентивно да се справува со незаконската миграција за да се спаси пред се шенгенот. На Малта 60-тина европски и африкански земји договорија Фонд на доверба за да се спречи бранот од 1,5 милиони мигранти од Судан кои се движат кон Египет.
„Фондот од 1,8 милијарди евра се обезбедува од буџетот на Европската унија. Најважен проблем ни се всушност парите за да може акцискиот план да стане функционален“, рече Мартин Шулц – претседател на ЕУ Парламентот.
Словенија почна да подига жичана ограда од 80 километри долж хрватската граница. Германија реши со реадмисија да ги враќа мигрантите во првата земја –членка на Унијата во која влегле.
Наташа Гркова- Петрушевска
