„Ван Хул“ и „Технохозе“ ќе градат нови објекти во Македонија
По посетата на охридскиот регион Груевски истакна дека има најави и за други нови инвестиции во земјава, но според барањата на инвеститорите не може да ги соопшти имињата...

Производителот на автобуси „Ван Хул“ и италијанската компанија „Технохозе“, кои имаат изградено свои капацитети во Македонија планираат проширување, односно градба на нови објекти, што значи и отворање нови работни места, најави премиерот Никола Груевски. По посетата на охридскиот регион Груевски истакна дека има најави и за други нови инвестиции во земјава, но според барањата на инвеститорите не може да ги соопшти имињата.
Производителот на автобуси „Ван Хул“, некаде во првиот квартал од следната година веројатно ќе почне изградба на нов објект во кој ќе го прошират своето производство, што значи и ќе примат нови луѓе на работа и ќе се зголеми извозот. Втората компанија која најави зголемување на капацитетите е „Технохозе“, која има изградено една фабрика, сега ја догради втората, не е пуштена официјално во производство, но веќе има пробно производство. Втората фабрика е четири пати поголема од првата. Тие ми најавија дека наскоро имаат план да почнат трета фабрика во Македонија. Тие две компании кои што веќе изградиле фабрики во Македонија, имаат производство, задоволни од условите за правење бизнис, ниските даноци, работната сила и бизнис климата што ја обезбеди Владата која што е веќе и меѓународно позиционирана со шестото место во Европа и 12. во светот, донеле одлука да градат нови фабрики, нови капацитети каде ќе се вработи дополнителен број луѓе кои во моментот немаат работа и бараат работа, истакна Груевски.
Тој информира дека во полн ек е градбата на фабриката на ОДВ „Електрик“ во ТИРЗ Охрид-Струга. Работите течат согласно планот, нема застој. Тие паралелно во постоечка хала како браунфилд веќе имаат одредено производство, а штом влезат во новата фабрика, која треба некаде до јуни да биде завршена, ќе го зголемат бројот на вработени и полека ќе дојдат до планираните илјада директни вработувања, изјави Груевски.
За компанијата „Костал“, со која Владата пред една недела склучи договор за градба на фабрика во ТИРЗ Охрид-Струга, каде треба да се вработат илјада лица, најави дека закупила и простор во „ЕМО“ во кој од јануари ќе почнат да вработуваат луѓе и да ги праќаат на тренинг и да почне производство.
