Богов: Солиден раст на економијата
Народна банка ја коригира априлската проекција за растот на БДП. Гувернерот Богов очекува 2015-та Македонија да ја заврши со солиден раст од 3,2%, додека в година тој би се засилил на 3,5%, односно 4% во 2017-та. Гувернерот Богов најави можност Централната банка да испрати сигнал комерцијалните банки в година да го заострат потрошувачкото кредитирање и да се насочат повеќе кон станбеното и кредитирањето на фирмите...

Главни причини за ревизија на проекцијата според Централната банка се полошите изгледи во надворешното окружување, послабиот глобален раст, влошената коњуктура, особено кај пазарот на метали и повисоката незивесност во домашната економија.
„Нашата економија покажа дека има здрави фундаменти и се покажа доста отпорна. Значи во такви услови растот изнесува слично на минатогодишното ниво. Очекуваме годината да ја завршиме со 3,2% економски раст. Наредните две години тој ќе забрзува на 3,5 односно 4%. Фундаменталните фактори кои што го движат овој раст се исти: државниот инвестициски стимул, позитивните ефекти од новите капацитети кои што се исклучиво извозно ориентирани ,поволните движења на пазарот на трудот и солидната кредитна поддршка“, изјави гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.
Инфлацијата ќе биде пониска од очекуваната, а дефицитот кај тековната сметка ќе биде еден од најмалите во последниве 10 години од само 0,5% од БДП. Девизните резерви остануваат во сигурната зона и на адекватно ниво. Извозот ќе забрзува движен од новите инвестиции со раст од 4,9 % годинава до 9,2 во 2017-та. Нивото на нефункционални кредити, иако изнесува 11 до 12 %, сепак 60% од нив се целосно резервирани и нивната реалната стапка е 5 до 6% , вели Богов. Тој препорачува балансирано задолжување дома и надвор, согласно со потребите. Поради високиот раст на потрошувачките кредити, гувернерот најави можност Народна банка да испрати сигнал комерцијалните банки да се насочат повеќе кон станбено и кредитирање на фирмите.
„Оној потенцијал што го имаат банките сметаме дека треба да се насочи кон попродуктивни кредити, а тоа се корпоратинви кредити и станбените. Тие мерки нема да бидат насочени да ги поскапат потрошувачките кредити, така што на сегашните кредити нема да има оправдување да се зголемат каматните стапки“, вели Богов.
Според гувернерот, растот на потрошувачките кредити достигнал 12,8% и е двојно повисок од зголемувањето на корпопративните кредити, што за Централната банка не е прифатливо на подолг рок и бара трошење на парите за попродуктивни цели и креирање раст и нови работни места.
Свето Николовски
