Нови странски експерти за зајакнување на бизнисот на домашните компании
Нови странски експерти ангажирани од Владата доаѓаат во Македонија да го зајакнат бизнисот на домашните компании. Фирмите кои користеле експертска подршка, велат го подобриле производствениот процес, маркетингот, конкурентноста на пазарите. 95 насто ангажманот на експертите е платен од државната каса...

Македонските компании учат од странските експерти. Нова група советници е пристигната во земјава. Веќе работеле со дел од фирмите, со неколку компании се преговара. Надлежните велат дека проектот дава резултат, бидејќи преку него им се намалуваат трошоците на фирмите, се отвораат и нови работни места. Нови мисии на експертите се најавени до крајот на годинава.
„Во рамките на вториот проект веќе 10 странски експерти престојуваа во Република Македонија и работеа со домашните компании. За останатите компании коишто аплицираа на огласот во тек се финалните консултации помеѓу Владата и странските партнерски организации, во коишто се вклучени и самите компании околу утврдување на точниот профил на експертот, точниот кадар кој ќе треба да дојде и допринесе со работа во подобрување на деловниот процес и до крајот на годината најмалку уште десетина нови мисии на странски експерти ќе се реализираат во Република Македонија“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Државата покрива до 95 проценти од трошоците за обуките. На првиот повик, кој беше реализиран лани, се пријавија 100 компании, а кои потоа ги подобрија деловните перфроманси, ги зголемија капацитетите и отворија нови работни места. Ова се очекувањата и од вториот повик.
На огласот можеа да се пријават компании со најмалку 51 процент домашен капитал. Досега аплицирале 64 мали и средни фирми со вкупно 70 апликации, кои работат во делот на услугите, индустријата, маркетинг и продажба.
Дијана Ценевска
