Лавина реакции за Спасовски и телеграмите за развластување

13.11.2015 17:05

За неколку часа, две одлуки издаде министерот за внатрешни работи - едната за престанок на сите пренесени овластувања, другата со дообјаснување. Спасовски денеска изјави дека дел од надлежностите ќе бидат вратени на структурите. Експертската јавност коментира дека постапките се избрзани и хаотични и може да направат проблеми, како меѓу вработените така и кај граѓаните...

За неколку часа, две одлуки- едната за престанок на сите пренесени овластувања, другата со дообјаснување. Лавина реакции предизвикаа телеграмите на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Нема потреба никој во Република Македонија да биде загрижен, во МВР, секој оној којшто е професионалец, којшто добро си ја обавува својата работа според законот, ќе биде ценет и во тој дух ќе биде и мојата понатамошна активност“, изјави министерот Спасовски.

Од СДСМ велат дека деполитизацијата на Министерството за внатрешни работи значи обезвластување на оние коишто го претвориле Министерството во партија и за спречување на злоупотребите.

ВМРО-ДПМНЕ врати дека СДСМ не издржал ни два дена, а веќе покажал како ќе го политизира Министерството за внатрешни работи од штабот на „Бихаќка“ во наредните 6 месеци.

Експертската јавност коментира дека постапките на Спасовски се избрзани и хаотични и може да направат проблеми, како меѓу вработените така и кај граѓаните.

Според Андонов, одлуката на Спасовски да ги одземе овластувањата на раководителите е вовед во класична партизација на Министерството.

„Тоа покажува еден некапацитет, непознавање, избрзани одлуки, кои не влеваат сигурност кај граѓаните дека ќе има добро владеење, дека тие нема да бидат коректив на владта, како што велат, туку ќе бидат попречувачи на нормалното функционирање“, вели аналитичарот Андонов.

Аналитичарите го посочуваат Законот за влада во кои се вели дека министерот и дополнителниот заменик-министер заедно и рамноправно ги потпишуваат сите акти и документи. Тоа не беше случај со одземањето на надлежностите на раководителите во МВР.

 

Миле Ристески