Банки: Новата мерка ќе го отежни пристапот до кредити

13.11.2015 17:08

Евентуалната мерка на Народна банка ќе ги принуди комерцијалните банки да го отежнат пристапот до нови потрошувачки кредити, а неминовно ќе ги зголеми и нивните каматни стапки, вели банкарскиот еснаф. Иако гувернерот Богов вчера нагласи дека станува збор за можна превентивна мерка, засега процентот на таканаречените нефункционални кредити кај населението сеуште не загрижува...

Кревањето на задолжителната резерва за одредени банкарски пласмани е легитимна мерка со која гувернерот може да влијае врз банките каде ќе ги насочуваат слободните пари. Банкарскиот еснаф е дециден: процентот на нефункционални кредити кај населението не загрижува, но евентуалната ваква мерка ќе го отежне пристапот и ќе ги поскапи новите потрошувачки кредити.

„Процентот на нефункционални кредити кај населението е за половина помал отколку кај корпоративните кредити. Народна банка се грижи за ценовната стабилност и ги контролира монетарните агрегати. Но, доколку Централната банка побара поголеми резервации за потрошувачките кредити, во тој случај би поскапеле кредитите Станува збор за поригидни инструменти кои и стојат на располагање на Народна банка“, вели Ѓорѓи Јанчевски, претседател на Групацијата за банкарство при Стопанската комора на Македонија.

Банките и досега ги следеа сигналите на Народна банка, велат банкарите. Освен во потрошувачки кредити солиден дел од средствата кај населението пласираа во станбено кредитирање, особено поддржувајќи го проектот „Купи куќа купи стан“, велат од Стопанска банка, која учествува со 35% во овој сегмент.

„Банките секако дека ги следат сигналите на монетарната политика и постојано вршат приспособувања“, вели Милица Чапаревска, Стопанска банка АД Скопје.

Гувернерот Богов беше искрен вчера и рече дека засега нема негативни тенденции кај враќањето на потрошувачките кредити. Станува збор за мерка која треба да спречи нивен преголем раст и можно лоши тенденции, а кредит да добијат оние што ќе можат да го вратат.

„Треба се стимулираат банките повеќе да даваат други типови кредити, а не толку потрошувачки. Тие мерки нема да бидат насочени, да ги поскапат потрошувачките кредити. Така да за сегашните кредити нема да има оправдување да се зголемат каматните стапки“, вели гувернерот Богов.   

Јасно е дека в година не очекува потежок пристап до потрошувачки кредит, но дали банките ќе го послушаат гувернерот и ќе се свртат повеќе кон  корпоративни  и станбени кредити ќе покаже времето.

Свето Николовски