Терористички напад во Париз: Прогласена вонредна состојба, границите затворени
Најмалку 60 луѓе загинаа во неколку најверојатно синхронизирани напади во центарот на градот и експлозии во близина на „Стад де Франс“. Претседателот Оланд прогласи вонредна состојба и нареди затворање на границите...

Терор и хаос низ улиците на Париз. Најмалку 60 луѓе загинаа во неколку најверојатно синхронизирани напади во центарот на градот и експлозии во близина на „Стад де Франс“. Претседателот Оланд прогласи вонредна состојба и нареди затворање на границите.
Во концертната сала „Батаклан“ во тек е заложничка криза. Медиумите пренесуваат дека таму има повеќе жртви, и дека сеуште се слушаат пукотници. Француската полиција се обидува да влезе, додека напаѓачите пукаат по луѓето во салата и ги бараат оние што успеале да се сокријат. Според сведоците, напаѓачите во дискотеката пукале и викале „Алаху Акбар“.
Војската е распоредена насекаде низ Париз, а на граѓаните им се препорачува да останат во своите домови. На социјалните мрежи се појави и снимка од пред концертната сала на која се гледаат дестици мртви тела. Од полицијата соопштија дека се спасени околу 30 заложници.
Според последните информации се случил уште еден напад во шопинг мол. Истовремено вооружен напаѓач пукал во ресторанот „Мала Камбоџа“. Некои од медиумите пренесуваат дека станува збор за пет истовремени напади.
Францускиот претседател откако бил евакуиран од стадионот „Стад де Франс“, каде го следел фудбалскиот натпревар меѓу Германија и Франција веднаш се состанал со министерот за внатрешни работи, Бернард Казанев и советот за безбедност.
Оланд на Твитер напиша дека борбата против тероризмот продолжува. Се огласи и претседателот на САД, Обама, кој и понуди помош и поддршка на Франција во борбата против терористите.
Во меѓувреме, Исламска држава со хаштаг на социјалните мрежи „Париз гори“, го слави нападот на главниот град на Франција.
За потсетување, на почетокот од оваа година во Париз се случи терористички напад на сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“, во кој беа убиени 12 лица.
