Пеколна ноќ во Париз: Бројот на жртви во терористичките напади надмина 140
Надлежните потврдија дека во заложничката криза во концертната сала Батаклан, убиени се најмалку 100 луѓе, додека во другите напади има 40 жртви. Низ Франција мобилизирана е и војската...

Според последните податоци од градската управа во Париз, во неколкуте напади во градот вечерва, животот го загубија најмалку 140 луѓе. Надлежните потврдија дека во заложничката криза во концертната сала Батаклан, убиени се најмалку 100 луѓе, додека во другите напади има 40 жртви.
Медиумите јавуваат дека во полициската акција во концертната сала, која предмалку заврши, убиени се тројца напаѓачи.
Низ Франција мобилизирана е и војската, а граѓаните на Париз се повикани да останат во своите домови, поради страв од нови напади.
Според медиумите вечерва во главниот град на Франција се случија седум најверојатно синхронизирани напади во центарот на градот и експлозии во близина на „Стад де Франс“. Претседателот Оланд прогласи вонредна состојба и нареди затворање на границите.
Според сведоците, напаѓачите во дискотеката пукале и викале „Алаху Акбар“. На социјалните мрежи се појави и снимка од пред концертната сала на која се гледаат дестици мртви тела. Според информациите се случил и напад во шопинг мол. Истовремено вооружен напаѓач пукал во ресторанот „Мала Камбоџа“.
Претседателот Оланд соопшти дека француските власти имаат сознанија кој стои зад нападите, но не откри детали. Нагласи дека борбата против тероризмот продолжува.
И претседателот на САД, Барак Обама понуди помош и поддршка на Франција во борбата против терористите.
Исламска држава со хаштаг на социјалните мрежи „Париз гори“, го слави нападот на главниот град на Франција.
За потсетување, на почетокот од оваа година во Париз се случи терористички напад на сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“, во кој беа убиени 12 лица.
