Груевски: Македонија го осудува нападот во Париз, тероризмот не смее да победи

14.11.2015 12:42

Република Македонија остро ги осудува и се спротивставува на секаков вид на терористички напади и стои рамо до рамо со Франција и со нашите сојузници во борбата против тероризмот, со кој сите се соочуваме, се наведува во писмото со сочувство на премиерот Груевски до неговиот француски колега...

Премиерот Никола Груевски по повод терористичките напади во Париз испрати писмо со сочувство до францускиот премиер  Мануел Валс. 
 
Со згрозеност ја примив веста за терористичките напади на Париз, во кои животот го загубија голем број на лица и каде има голем број на повредени и во овие тешки мигови на тага на пријателскиот француски народ, дозволете ми да изразам сочувство на семејствата на жртвите на овој варварски и антицивилизациски чин, а на повредените да им посакам брзо закрепнување, наведува премиерот во писмото. 
 
Додава во писмото дека мислите и молитивите на македонските граѓани се со францускиот народ.
 
Република Македонија остро ги осудува и се спротивставува на секаков вид на терористички напади и стои рамо до рамо со Франција и со нашите сојузници во борбата против тероризмот, со кој сите се соочуваме, се наведува во писмото со сочувство.
 
Според премиерот нападите во Париз се напади врз целото човештво, врз мирот и слободата и врз принципите и вредностите кои ги живееме. - Тероризмот, пишува во писмото, не смее и нема да победи. Потребни се заедништво, солидарност и одлучност во напорите за елиминирање на оние сили кои шират терор и насилство и кои се закана за секоја држава.