Франција го возвраќа ударот, в петок вонреден состанок на министрите на ЕУ

16.11.2015 10:08

Жестоки напади на француската авијација на цели на Исламска држава, која ја презеде одговорноста за терористичките напади. Француското министерство соопшти дека нападите биле извршени со десет борбени авиони врз 20 цели на исламистите, а премиерот Валс предупреди дека се можни нови напади на терористите врз цели во Франција, но и во други европски земји...

Франција го возврати ударот. Француските воени сили жестоко ги напаѓаат позициите на Исламска држава во Рака, Сирија. Погодени се регрутен центар на џихадистите, магацин за оружје и камп за обука на деца-борци. Министерството соопшти дека нападите биле извршени со десет борбени авиони, при што биле фрлени 20 бомби.

„Франција ги напаѓа упориштата на „ДАЕШ“. Но секогаш треба политичко решение и ние секогаш сме ја поддржувале идејата за разговор едни меѓу други“, рече министерот за надворешни работи, Лорен Фабиус.

Светот е згрозен од свирепите убиства. Светските лидери најавуваат координирана борба против тероризмот. Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ в петок во Брисел ќе одржат вонреден состанок посветен на безбедносната состојба по нападите.

Жителите на Франција се уште се во шок по терористичките напади. Со минута молчење точно напладне ќе им одадат почит на жртвите. Знамињата на сите институции ќе бидат на половина копје, а сите спортски и културни манифестации до четврток се откажани.

Бројот на загинати се искачи на 132-ца откако уште тројца им подлегнаа на повредите. Францускиот претседател Оланд поради заканата која ја демне Франција, побара вонредната состојба во земјата да остане во сила уште три месеци. Барањето треба да биде изгласано во Парламентот.

Светот сочувствува со францускиот народ. На плоштадите се палат свеќи за трагично  загубените животи.

„Ние имаме историја и тие ја имаат со божја воља, на крајот ние зеднички ќе бидеме победници во борбата против тероризмот“, рече министерот за туризам на Египет, Хешам Зазу.

Не се доволни само зборови, сега е време за дела, во борбата против тероризмот не е доволно само да се пресечат каналите за нивно финансирање, неопходна е и копнена воена операција, изјави претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск. 

 

Марија Петковска