Франција: Уапсени 23 лица, 104 се во домашен притвор
Низ земјата се засилени безбедносните мерки и контролата на границите, распоредени се илјадници дополнителни војници и полицајци, а одредени јавни институции имаат специјална заштита. По потреба, локалните власти во земјата имаат овластување да воведат полициски час...

Најмалку 23 лица се уапсени во рацијата организирана од страна на француската полиција поради терористичките напади што во петокот ја завија Франција во црно. Според информациите, уште 104 лица се ставени во домашен притвор, а запленето е и огнено оружје, минофрлачи и панцири. Во меѓувреме, париското Јавно обвинителство соопшти дека се идентификувани уште двајца од напаѓачите, од кои за едниот била издадена меѓународна потерница. Воедно Франција најави дека ќе ги затвори џамиите во кои се шири радикалниот Ислам.
Во тешките воздушни напади, што ги изведе француската авијација доцна синоќа како одговор на нападот од Исламска држава беа вклучени 12 авиони од кои десет бомбардери. Погодени се два кампа за обука и магацини за оружје во главниот град на Исламска држава во Сирија, Рака. Исламската држава го ограничила движењето низ градот, поради што е тешко да се одреди бројот на жртви.
Во Франција и во земјите низ Европа денеска на пладне со минута молк им беше оддадена почит на жртвите на најголемиот терористички напад во историјата на Франција. Низ земјата се засилени безбедносните мерки и контролата на границите, распоредени се илјадници дополнителни војници и полицајци, а одредени јавни институции имаат специјална заштита. По потреба, локалните власти во земјата имаат овластување да воведат полициски час.
Кон омразата за Исламска држава се придружи и хакерската група „Анонимус“ којашто на на социјалните мрежи им објави војна на џихадистите. Во пораката се вели: „Не се сомневајте, Анонимус влегува во војна со Исламска држава. Анонимните од целиот свет ќе ве гонат, ќе ве најдат и нема да ве пуштат. Нема да заборавиме, нема да простиме. Доаѓаме по вас.“
Инаку петмина турски полицајци се повредени откако доцна синоќа напаѓач од Исламска држава го активирал експлозивот што го имал на себе. Инцидентот се случил за време на операција на полицијата која пребарувала место, за кое постоело сомнение дека е засолниште на припадници на ИД. Претходно денеска, во Анкара беа уапсени најмалку седум осомничени терористи.
Марина Автовска
