Пругите во Македонија се безбедни

16.11.2015 16:05

Новите возови набавени од Кина без проблеми ќе сообраќаат низ целата земја. Електромоторните ќе возат долж Коридорот 10 кој е електрифициран, дизел гарнитурите ќе возат низ целата земја. Првите од овој тип треба да пристигнат до крајот на годинава...

Пругите во Македонија се безбедни и по нив се вози со 120 километри на час, согласно со сите правилници – тврди раководството на МЖ Инфраструктура. Новите возови набавени од Кина без проблеми ќе сообраќаат низ целата земја. Електромоторните ќе возат долж Коридорот 10 кој е електрифициран, дизел гарнитурите ќе возат низ целата земја. Првите од овој тип треба да пристигнат до крајот на годинава.

„Новиот воз е електро воз, значи немаме електрификација за да се обрати до Битола. Затоа ги чекаме новите дизел возови од кои 4 се со дизел мотори кои ќе можат да сообраќаат од Велес до Битола, од Скопје до Кичево па, од Куманово до Кочани“, вели директорот на МЖ Инфраструктура, Ирфан Асани.

Пругите 20 години беа запуштени, а по делниците возовите одеа бавно, но тоа сега е минато – уверува Асани. Направени се крупни инфраструктурни зафати за модернизација на железничкиот сообраќај.

„За нас стандард се УИЦ стандардите кои ги користат сите железнички компании во светот. Ако ние немаме пруга која е соодветна на тие стандарди, ако ние немаме возови, кои се согласно таквите стандарди, ние ќе бидеме исклучени од таквите организации. Тоа што ние не сме исклучени, од организација како УИЦ значи дека пругата во Македонија е безбедна“, вели Асани.

Асани вели дека во последниве години се реконструирани 55 километри пруга на коридорот 10, а се санираат 30-ина црни точки на делниците. Поставен е и видеоназор, со што кражбите на делови од пругите се сведени на минимум.

 

Викторија Милевска