Надвор од животна опасност се 6-годишното дете и мајката што го фрли

16.11.2015 16:59

37-годишната жена околу 9 часот излегла на тераса држејќи го детето в раце и заканувајќи се дека е сериозна во намерата. Сопругот и соседите се обиделе да ја премислат, но безуспешно...

Мајка го фрлила својот 6 -годишен син од четвртиот кат, а потоа таа самата скокнала. 37-годишната жена околу 9 часот излегла на тераса држејќи го детето в раце и заканувајќи се дека е сериозна во намерата. Сопругот и соседите се обиделе да ја премислат, но безуспешно. Мајката го фрлила детето. Среќна околност е што падот бил ублажен од жици за сушење алишта, соседите го придржале и и го предале на брзата помош.  Драмата продолжила.  Додека полицијата и пожарникарите подготвувале заштитен балон, мајката се фрлила и паднала на плочникот.

Мајката и детето се хоспитализирани на КАРИЛ. Шестгодишното момче има фрактура на черепот, а жената скршеници на ребрата. Од брзата помош велат дека нивната реакција била брза..

„Изутринава интервенираа вкупно две екипи на службата за итна медицинска помош. Навремено и итно, веднаш пристигнаа по самиот повик. Имаме двајца повредени, мајка со 6 -годишно дете  и се надеваме дека ќе бидат добри. Детето е во свесна состојба пренесено во Ургентниот центар мајката исто е пренесена во ургентниот центар и се надеваме дека исходот ќе биде добар“, вели Анита Димоска, Брза помош.

Полицијата истражува зошто мајката се решила на ваков грозоморен чин.

Спред првата детска амбасада „Меѓаши“ мајката во моментот не била при свест и немала никаков контакт со реалноста.

„Да преживееш обид за убиство од страна на мајка, која што претставува модел на заштита, грижа и безбедност на детето сметам дека е трагично. Меѓутоа доколку ја земеме предвид  возраста на детето, со соодветен долготраен третман, психолошки сметам дека би можеле да се ублажат тарумите кои би ги имало детето, но не верувам дека целосно би исчезнале“, вели Јана Зенговска, Меѓаши. 

Соседите сведочат дека досега од ова семејство не се слушнале кавги и расправии.

 

Ана Јосифовска- Тодоровска