Почеток на крајот на Исламска Држава

17.11.2015 10:17

Нападите во Париз може да го означат почетокот на крајот на Исламска држава, сметаат експертите. Во Франција во наредните три месеци, најверојатно ќе биде воведена вонредна состојба со ригорозна контрола на границите. Се трага по уште двајца од терористите. Рации се вршат во Марсеј, но и во Брисел...

Почеток на крајот на Исламска Држава – вака познавачите го оценуваат терористичкиот напад во Париз. Додека Франција и светот продолжуваат да палат свеќи за загинатите, француски и американски борбени авиони во текот на ноќта ги продолжија нападите врз Рака, главниот град на Исламска Држава во Сирија. Американскиот државен секретар Кери пристигна во Париз на разговори со францускиот претседател Оланд во знак на поддршка за најстариот сојузник на САД.

„Ќе ја победиме ИДИЛ и сите што ја делат нејзината зла идеологија, но ќе покажеме сочувство за сите што бараат засолниште од насилството на терористичката искра“, изјави Џон Кери, државен секретар на САД.

Во САД се проценува веројатноста за терористички напад и за сега нема конкретни индикации. Републиканскиот кандидат за претседател Доналд Трамп изјави дека размислува за затворање на некои џамии, а повеќе сојузни држави, меѓу кои Тексас, Северна Каролина и Мисисипи, одлучија да ја суспендираат програмата за прием на сириски бегалци.

„Како гувернер на Тексас, нема да се коцкам и да ризикувам неколку бегалци да ја изложат државата на таков ризик. Од денеска ниедна тексашка агенција нема да учествува во релокација на сириски бегалци“, вели Грег Абот, гувернер на Тексас.

Во Германија, околу 10 илјади приврзаници на десничарското антиисламско движење ПЕГИДА ноќеска протестираа во Дрезден. Обвинија дека терористичките напади во Париз се директна последица на масовното доаѓање на мигрантите во Европа, кои се очекува годинава во земјата да пристигнат околу еден милион. Демонстрантите побараа оставка од канцеларката Меркел, која е критикувана поради отворената политика кон бегалците. Во Шведска, каде што исто така пристигнуваат во големи бројки, разузнавачките служби соопштија дека по мејл добиле закана за напади врз премиерот, владата и парламентот.

 

Ивана Салтировска