Бренен: Европа и САД и понатаму ќе бидат цели на терористите

17.11.2015 10:23

Нападите во Париз биле подготвувани подолго време, изјави директорот на американската разузнавачка агенција, Џон Бренен во Вашингтон. Според него, Европа и Соединетите Американски Држави и натаму ќе бидат цели на терористите, но дека не треба да се затворат границите, туку разузнавачките агенции повеќе да соработуваат...

Светот во последниве три години е понестабилен и поопасен отколку пред две и пол децении, оцени директорот на американската разузнавачка агенција, Џон Бренен. Според него, последните терористички напади во Париз биле подготвувани подолго време со план сличен како нападот во Брисел, што успешно беше спречен на почетокот на годината. Затоа е потребно безбедносните агенции да го подигнат нивото на претпазливост.

„Многу од овие терористичките операции се неоткриени пред да се изведат. Кога се навраќам на она што се случи во Париз, јасно е дека тој бил напор што се подготвувал подолго време. Доста софистициран поради природата на нападите, што беа синхронизирани и истовремени. Имаме одлична соработка со француските партнери. Многу наши партнери во Европа во моментов се соочуваат со многу предизвици, со индивидуи коишто патувале во Сирија и во Ирак и назад, што треба да се набљудуваат“, изјави директорот на ЦИА, Џон Бренен.

Големиот број на странски борци и можноста меѓу бегалците од Сирија да има терористи на ИДИЛ, се опасност не само по безбедноста на Европа, туку и на САД, смета Бренен. Затворањето на границите не е начин да се спречат идни напади, туку поголема соработка на разузнавачките агенции.

„Една работа што треба да ја имаме на ум, е дека не сакаме овие терористи да успеат да ни ги одземат слободите на кои сме горди, овде во САД или во Европа. Некои избрзуваат да кажат дека границите треба да се затворат и дека треба да се изолираме, што не е нешто на што се базирани нашите општества во последниве стотици години. Она што треба да го правиме е да бидеме свесни за ризиците поврзани со овие индивидуи коишто пристигаат и да преземеме соодветни мерки, да разбереме кои се тие. Мислам дека не сакаме херметички да ги затвориме нашите граници, бидејќи тоа не е одржливо од социјален, културен, трговски, економски и политички апсект“, вели Бренен. 

Терористичките групи како ИДИЛ ги користат социјалните мрежи за комуникација и регрутирање. 85 проценти од нив се во рацете на приватни компании, па затоа е потребно поголема размена на информации меѓу приватниот и државниот сектор и поголема информатичка обученост на оперативците, смета директорот на ЦИА.

Според директорот на ЦИА, Исламската држава и други терористички групи подготвуваат нови напади и поради тоа  разузнавачките агенции ширум светот треба повеќе да соработуваат.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ