Терористите ги договарале нападите со заштитени „Андроид“ апликации
Со заштитени „Андроид“ апликации, терористите ги договарале нападите. Светската разузнавачка заедница е изненадена. Не успеале да следат ниту една порака или разговор на трите тима терористи...
Модерните времиња носат модерни, изнудени опасности. Координираните напади во париз внесоа збунетост во светската разузнавачка заедница. Електронските пораки и разговорите не биле дел од ниту еден комуникациски надзор. Сега, веќе со сигурност се смета дека организаторите и извршителите комуницирале преку таканаречени темни, односно заштитени „Андроид“ апликации како што се „Телеграм“, „Викр“, „Инкогнито“.
„Комуникациските алатки достапни за овие организации придонесоа да се создаде вистинско слепило меѓу разузнавачките агенции и тие не знаеја што навистина се планира“, изјави конгресменот Тимоти Марфи.
Париз беше првиот пример што ја покажа немоќта на разузнавачите да ја пробијат заштитената електронска комуникација меѓу терористите. Од нападите на 11-ти Септември во САД, многу правила во организацијата и извршувањето се изменети, сметаат аналитичарите.
„Социјалните медиуми стануваат се поголем проблем. Преку нив се врши регрутирање, радикализација, и потоа овие платформи стануваат заштитени и шифрирани за натамошни ртазговори околу патувањата и за активностите против сопствената земја“, вели Марфи.
Со заштитените апликации може да се испратат пораки без воопшто да бидат следени. Крајниот корисник на информацијата добива дополнителна приватност и тајност. Информатичката безбедност е загрозена и со можноста овие апликации да се користат бесплатно, а тоа веќе го прават стотици милиони корисници во светот.
Зоран Богатинов