Прва „Кирилица“ во новата сезона на Македонската филхармонија
Публиката ќе има можност да слушне две дела од припадници на различни генерации македонски музички творци...

Македонската филхармонија задутре во Домот на АРМ ќе го одржи првиот концерт од циклусот „Кирилица“ во новата сезона.
Публиката ќе има можност да слушне две дела од припадници на различни генерации македонски музички творци - „Диверзија“ од Кирил Македонски со кое се прославува 90 години од раѓањето на авторот на првата македонска опера, како и премиерната изведба на „Исон“ од младата и афирмирана композиторка Валентина Велковска-Трајановска.
Под диригентство на Борјан Цанев, изведени ќе бидат и две дела од Моцарт - Симфонијата „Париска“ и Симфонијата кончертанте за дувачи во Ес-дур, на која како солисти ќе се претстават водачите во оркестарот на Македонската филхармонија, Владимир Лазаревски, обоа, Здравко Ангелов, кларинет, Џијан Емин, хорна и Ванчо Стојановски, фагот.
Сите четворица зад себе имаат завидна концертна кариера.
