Иванов во Париз: Почит на жртвите во терористичките напади
Македонскиот претседател порача дека нема да се потклекне на психозата која создава страв кај граѓаните и дека сега се соочуваме со нова реалност. Концертната сала Батаклан кое беше средиште на терористичките напади во Париз, прерасна во култно место на глобална почит кон невините жртви и повредените...
На местото на трагедијата чии фатални последици сеуште одекнуваат во светот, македонскиот претседател порача дека нема да се потклекне на психозата која создава страв кај граѓаните и дека сега се соочуваме со нова реалност. Концертната сала Батаклан кое беше средиште на терористичките напади во Париз, прерасна во култно место на глобална почит кон невините жртви и повредените.
„Со самото наше присуство на овој самит, укажуваме дека целта која што ја имале терористите не ја постигнаа, не нѐ исплашија. Ние дојдовме тука да бидеме солидарни и со парижаните и со французите, и да се соочиме со оваа нова реалност, која создава психоза и создава страв кај граѓаните, кај луѓето. Како што кажав во една моја изјава, ова не е напад само на Париз и само на Франција, ова е напад врз целиот цивилизиран свет, уништување на сите придобивки кои се создадени со дијалог и со почитување меѓу луѓето“, изјави претседателот Иванов.
Иванов оствари посета и со нашинците во Париз. Македонската амбасада во петокот извести дека во дијаспората во Франција нема настрадани и повредени.
„Тие испраќаат пораки до сите свои роднини во Македонија, да не се грижат за нив, дека тие се веќе подолго време тука, ги знаат сите околности и се соочуваат со сите овие предизвици што постојат“, рече Иванов.
Политичката и безбедносната состојба во земјава и во Европа, поврзана со бегалската криза, како и најновиот извештај на Европската комисија за напредокот доминирале на средбата меѓу Иванов и шефот на словачката дипломатија, Лајчак.
Претседателот побарал деблокирање на евроатлантските интеграции поради негативното влијание врз политичкиот амбиент. Според Иванов, по изборите треба веднаш да се одреди почеток на преговорите со ЕУ. Словачкиот вицепремиер посочил дека не може да се игнорира постојното статус- кво при што ја повторил подршката за членство во ЕУ и НАТО.
Анита Димитријевска