Десетчленото семејство од Охрид доби нов стан

17.11.2015 14:16

Охриѓанецот Илбер Демо, кој со своето семејство живееше во руинирана барака, во субстандарди услови денеска се пресели во нов двособен стан. Тоа што пред неколку дена му го вети премиерот Никола Груевски е реализирано, а Илбер вели дека се чуствува како повторно да е роден...

Илбер Демо денеска ги доби клучевите од двособниот стан што му беше ветен при неодамнешната посета на премиерот Никола Груевски на Охрид. Досега тој, со сопругата и нивните осум деца, 15 години живееа во руинирана барака без струја и вода, која можеше да се распадне при поголемо снежно невреме.

„Зимата ја поминувавме криејќи се сите во една соба, ги покривав децата, а јас останував гол. Фала му многу овдека што ми дадоа, како прероден уште еднаш да сум. Ви кажувам во тој стан сега кога ќе влезам“, изјави Илбер Демо.

Имиџот што го градиме за Охрид, како главен туристички центар не дозволува во градот да има руини каде што живеат сиромашни лица во субстандардни услови, рече Директорот на АД за изградба и стопанисување со стамбен и деловен простор, Цветко Грозданов.

„Охрид не треба да има семејства кои што не ќе имаат кров над главата, без разлика на етникумот, националноста и верата. Туку во Охрид како туристички центар мора сите граѓани да бидат згрижени. Охрид треба да биде препознатлив по тоа дека луѓето кои што живеат се сите згрижени и имаат нормални услови за живеење“, рече Грозданов.

Во Охрид има уште седум семејства кои живеат руинирани објекти под сите стандарди. Според најавите на половината од нив стамбениот статус ќе им биде решен во наредните неколку месеци.

 

Сашо Нелоски