Стабилна состојбата на детето од Хиподром

17.11.2015 15:06

Стабилна е состојбата на 6-годишното дете коешто вчера беше фрлено од мајка си во скопската населба Хиподром. Со хируршки зафат е запрено крварењето, велат во Клиниката за неврохирургија...

Шестгодишното дете кое вчера неговата мајката го фрли од балконот на четирикатницата во скопски Хиподром, е во стабилна здравствена состојба. Поради внатрешното крварење во главата како последица од ударот, била извршена операција. Директорот на Клиниката за неврохирургија, доктор Чапаровски, вели дека иако детето е малку поспано, состојбата му е добра. Нема знаци за повреда на другите органи.

„Вчера кога детето беше примено немаше знаци на крварење, попладне на контролниот скен се појави ова крварење кое мораше да се реши хируршки. Операцијата мина добро, без проблеми. На двата контролни комјутера нема знаци за оштетување на мозочното ткиво поради што очекуваме дека состојбата на детето ќе биде добра“, изјави проф. д-р Алексадар Чапаровски, директор на Клиниката за неврохирургија.

Мајката и нејзиниот 6-годишен син се хоспитализирани на КАРИЛ. И таа е во свесна состојба и е исклучена од апаратите за дишење. Трагичната семејна драма се случи вчера, мајка од четврти кат го фрли својот син, а потоа и самата скокна од терасата. Од падот здоби тешки повреди на главата, градниот кош и на екстремитетите. На ургентен,  мајката и  синот беа донесени во тешка здравствена состојба.

 

Андријана Атанасовска