Белгија го подигна нивото на безбедност

17.11.2015 16:10

Белгија го подигна нивото на безбедност. Од истите причини, откажан пријателскиот фудбалски меч со Шпанија во Брисел. Селекторот на шпанците, Дел Боске изјави дека човечките животи се поважни...

Антитерористичките акции во Брисел продолжуваат, но Министерството за внатрешни работи синоќа апелираше до медиумите да не известуваат во детали за тоа, бидејќи се крева паника меѓу граѓаните и влијае врз истрагата.

За жал, вчерашната акција во Моленбек се оценува како неуспешна. Поранешниот директор на француската служба за разузнавање, Ален Шоует оценува дека Белгија не била на ниво на задачата. Едниот од приведените беше пуштен на слобода, а белгиската полицијата не успеа да го лоцира „мозокот“ на терористичките напади во Париз, кој успеа и да им се провлече и на француските колеги.

Инаку Белгија од изминатиов викенд го подигна степенот на безбедност на трето ниво.

Од безбедносни причини откажан е фудбалскиот натпревар меѓу Белгија и Шпанија. Граѓаните ги избегнуваа јавните настани и туристичките локации. Метроата се речиси празни, а полициската контрола може да се забележи на секоја фрекфентна улица.

На денешниот Европски совет на безбедност во Брисел, Франција официјално поднесе барање за помош од ЕУ, но не и активирање на членот 5 од Варшавскиот договор, според кој вооружен напад на една членка на НАТО алијансата, ќе се смета за напад врз сите држави.

„Нема поднесено барање за активирање на членот 5, но НАТО партнерите и понудија на Франција поддршка и помош. Ние тоа го правиме на многу различни начини, споделување на информации, блиска соработка со Франција во нивните напори во борбата со ИСИЛ“ – изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Да потсетиме дека членот 5 беше последен пат активиран по нападот на кулите- близначки во Њујорк на 11-ти септември 2001-ва.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ