Јавен сервис

Се подготвува Етички кодекс за МРТ

17.11.2015 16:42

Вработени и раководството на МРТ, Синдикатот, здруженијата на новинари, регулоторот, во пристуство на белгискиот олеснувач Питер Ванхауте, дебатираа за новиот Етички кодекс, кој се подготвува за Јавниот сервис. Документот е отворен за расправа, предлозите ќе се вградат во финалното решение.

МРТ ќе добие Етички кодекс со којшто се дефинираат правилата за професионално и одговорно однесување на вработените и начинот на нивната работа, заштитата на јавниот интерес, се обезбедуваат законитоста, непристраноста и неутралноста. Текстот на документот се подготува повеќе години, се користат и странски искуства.    

„Во овие три години, особено  изминатива година, како раководство на МРТ во консултации со релевантните чинители поупорно се обидувавме да направиме еден ваков документ и максимално се ангажиравме да ги утврдиме правилата“, изјави Диме Ратајкоски, одговорен уредник на Прв програмски сервис на МРТ. 

„Што значи Етичкиот кодекс? Законитост, професионалност, стручност, доверба и објективност“, изјави Милчо Велески, новинар и член на Синдикатот на МРТ.

Документот е сеуште отворен за доставување предлози, од кои треба да се искристализира финалното решение. Раководството очекува уште идеи од вработените. Досега свои размислувања доставиле двете новинарски здруженија.

„Во овој текст се вградени и имплементирани 90% од забелешките на двете здруженија“, нагласи Марјан Цветковски, извршен директор на ЈРП МРТ.

Од ЗНМ и МАН велат дека клучно за работењето на Јавниот сервис е финансирањето, транспарентноста и отчетноста.

„Ние нема да прифатиме политички дилови меѓу политичките партии за промена на раководството или на уредниците на МТВ. Тие можат да бидат сменети, но тоа не смеат да го направат политичарите, туку новиот Совет. Било кој директор или уредници да дојдат во Јавниот сервис, со ваква финансиска кондиција нема да бидат во можност многу да направат. Нашиот предлог е едноставен, 1% од Буџетот да се одвои за МРТ“, изјави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

„И МАН се залага за стабилно финансирање на МРТ за 1% од Буџетот и сматаме дека е потребно поголеми прецизирање на одговорноста на новинарите и на уредниците“, рече Ивана Трајкова, претставничка на МАН.

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги побараа јасно да се наведе дека е забрането членување на вработените во политички партии.

„Апсолутно треба да се забрани, кој сака нека се занмимава со политика и Јавниот сервис да си ја врши својата законска функција“, изјави Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата.   

„Јас го делам вашето мислење дека е потребна забрана да се членува во партија, но треба да видиме дали тоа не е противуставно“, дополни Марјан Цветковски, директор на МРТ.

Дел од забелешките се однесуваа на тоа што во текстот се мешале етиката со работната дисциплина, па имаше и предлози документот да се подели во два дела. Во однос на изборите, директорот на Телевизијата соопшти дека вработените ќе посетуваат обука од Би-Би-Си, за начинот на покривањето на изборите и изборната кампања.

На дебатата за Етичкиот кодекс присуствуваше и белгискиот олеснувач Питер Ванхауте.

 

Мартин Пушевски